Се бара поддршка за евроинтеграцијата на земјава

Австриска поддршка за Македонија кон евроинтрегративниот пат. Шефот на австриската дипломатија Шаленберг, од Виена, денеска, испрати порака дека нивниот став е јасен - билатералните спорови и историски прашања не смеат да влезат во процесот на проширување.

Тој кажа дека Македонија е земја модел во однос на процесот на пристапни преговори и дека Австрија е разочарана од непостигнувањето договор и блокадата од Бугарија.

- Од наша гледна точка, моја гледна точка тоа беше неопходно да се направи. Да бидам јасен, нашиот став е дека билатералните и историските прашања треба да останат надвор од преговарачкиот процес. Вие добро рековте дека процесот на проширување на ЕУ е процес на европеизација, а не на билатерализација и тоа така треба да биде. Ова беше нашата позиција и за прашањето за името со Грција додека тоа беше на агендата. - изјави Александер Шаленберг МНР Австрија.

Секое одложување на преговорите со ЕУ е голема грешка , затоа што Македонија е подготвена, порача Османи.

- Свесни сме дека процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ. - изјави Османи.

Македонија 2020та ја завршува пред европската врата. Бугарското вето, спречи правата меѓувладина конференција да се случи за време на германското претседателство. Следните шанси се за време на претседавањето на Португалија со ЕУ од 1ви јануари.

Во меѓувреме, експертите порачуваат дека македонската владата ќе треба да ја засили дипломатската офанзива и да бара пријатели меѓу земјите членки.