Се бара отштета од 8,5 милиони евра за раскинување на договорот за нов клинички центар

Правен тим на Министерството за здравство ќе утврдува дали државата ќе мора да плаќа пенали за раскинување на договорот за изградба  на нов Клинички  центар во Скопје.

Од Владата потврдуваат дека е стигнато барање за оштета од италијанската компанија што требаше да гради на местото на постојниот Клинички во Скопје. Сумата е 8.5 милиони евра. 

Тогаш главен аргумент беше дека постојната локација ќе предизвика сообраќаен хаос поради што и се напушти идејата новиот Клинички центар да се гради тука. Државата еднострано го раскина Договорот пред три години во време кога Министер за здравство беше Венко Филипче, сега вели одлуката не била само негова.

„Не го раскинав јас договорот, го раскина Владата, па таму барајте одговори“, ни кажа Венко Филпче во кратка телефонска изјава.

Разрешница на спорот веројатно ќе има на меѓународнте судови.  Договорот за изградба на нов клинички центар во Скопје во 2017 година го потпиша Никола Тодоров како  технички министер. Тогаш беше најавено дека новиот објект ќе биде изграден за 5 години и ќе чини 72 милиони евра. Скопскиот и штипскиот клинички центар требаше да се градат со кредит од Банката при Советот на Европа, чија висина првично беше 97 милиони евра.

Откако власта се премисли за локацијата, комплексот „Мајка Тереза“ се избриша од Законот за задолжување. Кредитот стана 26,9 милиони евра за да се гради само во Штип. Сегашниот министер за здравство пред неколку месеци рече дека не се откажува од проектот за нов клинички центар во Скопје, но работна група ќе одлучува меѓу три можни локации.