Се бара „лекс специјалис“ државата да го откупи сопствеништвото на спорната парцела за катна гаража во дворот на Собранието
Да се најде правно решение како во оваа фаза, државата да го откупи сопствеништвото на спорната парцела во дворот на Собранието, па макар и со лекс специјалес.
Според информациите на Тв 24, ова ќе биде целта на претставниците на Собранието и Владата во комисијата, која на средба со собрансикиот спикер Африм Гаши, инвеститорот „Анго“ и претставници на сите засегнати институции меѓу кои и градоначалникот на Центар се договориле да се формира.
Високи извори од состанокот за Тв 24 брифираат дека на „Анго“ му било кажано јасно дека катна гаража нема да гради, но дека државата ќе му плати оштета. Иако еден од предлозите на фирмата бил да ја изградат катната гаража, па потоа да ја отстапат сопственоста, според инфорамциите Гаши бил против. Од законодавниот дом официјално само велат дека ќе се бара решение.
„Иако Собранието нема директни надлежности во градежниот процес, презеде иницијатива за водењето на дискусиите за решавање на ова прашање. Оваа средба имаше за цел да обезбеди комуникација и да се обезбедат сите информации и состојби, со намера да се најде трајно решение кое ќе биде од корист и за јавноста и за Собранието.“ - велат од Собранието на РСМ.
Од „Анго“ без детали, но за ТВ 24 за прв пат, официјално го коментираат спорот. Велат дека се' е во рацете на работната група.
- Ќе се одржуваат секојдневни интензивни состаноци, во насока на изнаоѓање модул, решение за двете страни. На средбата се споменаа неколку предлози, предлог за експропријација, предлог за обештетување, но преку секојдневните состаноци се надеваме на решение прифатливо за двете страни. - велат од Анго.
Додека работната група ќе бара начин, сите да бидат задоволни, од утре „Анго“ ќе треба да плаќа пенали на Општина Центар. Рокот за изградба на катната гаража во дворот на Собранието, истекува денеска. Од утре компанијата Анго ќе треба да плаќа пенали.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски со став дека стапува на сила правосилната одлука, а компанијата „Анго“ на денешната средба била запознаена со ова иплаќање, Герасимовски вели дека ова го потенцирал уште на почетокот на состанокот.
- Првата година, 1,5% од купопродажниот договор, односно цена кое е купено земјиштето, втората година 3% од купопродажниот договор, третата година и сите наредни години 4,5% од купопродажниот договор, ќе наплаќа општината на месечно ниво од самата фирма. - изјави Герасимовски.
Дека државата, како што велат, нема да се откаже од преземање на сопствеништвото и денеска повторија од Владата. Проблемот со земјиштето кое државата пред повеќе од 16 години му го продала на приватно лице се активира периодов, откако по барање на Собранието од март 2024, од МВР го променија ставот и донесоа одлука дека се работи за безбедносен ризик, мислење кое е спротивно на она кое пред 10 години го дала тогашната министерка на МВР, Гордана Јанкулоска. На денешниот состанок биле преставници на БЈБ, откако актуелниот министер за внатрешни се иззема од случајот, поради фактот што бил адвокат на фирмата во судските спорови за оспорување на дозволата за градба.