Се бара договор за крај на трговската војна со Косово
Foto

Се бара договор за крај на трговската војна со Косово

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветиринарство Зоран Атанасов во вторник патуваат за Приштина да ги разубедат Косовските власти да ја тргнат забраната за увоз на македонски компири и мед. Неизвесно е дали министерот ќе ја смири трговската војна што почна пред десетина дена откако ние забранивме увоз на риба и икри, затоа што нивната Агенција за храна не е акредитирана со европски сертификати и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен.

Министерот Бектши во разговор со ТВ 24 вели дека ќе се сретне со неговиот колега, министерот за трговија Ендрит Шала, но не открива детали што ќе понуди македонската страна во преговорите.

Трговската војна со Косово може да не чини скапо. Косово е една од ретките земји со кои имаме суфицит во размената. Во првите шест месеци од годинава вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесувала 152 милиони евра, од кои на извоз од нашата земја кон Косово отпаѓаат дури 139 милиони евра.

Ден пред средбата со Косовските власти, односно утре наутро координација ќе имаат министрите за економија и за земјоделство, со Директорот на агенцијата за храна и ветеринарство. Ова не е првпат косовските власти да ставаат царински бариери за македонските производи. И минатата година ја зголемија царината за увоз на земјоделските производи при што еден месец дојде до целосен прекин за извозот кон овој наш сосед.

0 Коментари

Остави коментари