СДСМ: Владата подготвува терен за уставни измени преку прифаќање на францускиот предлог

Нов европски курс или стара политичка пресметка – СДСМ обвинува дека владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, МНР демантира. 

Според опозицијата, зад затворени врати се водат тајни разговори за европските интеграции. Велат дека, според нивни информации од Брисел, владата веќе договорила конкретни чекори.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, тврди дека власта прави пресврт во ставовите и како успех се обидува да го претстави тоа што претходно го нарекувала-  велепредавство. 

Андреј Жерновски, секретар за меѓународна соработка на СДСМ -  Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали што пристигнаа и од Брисел, Берлин и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги што претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори итн. 

СДСМ прави обид за создавање хистерија и дезинформации во јавноста, реагираа од МНР. Порачаа дека нема тајни преговoри за прифаќање на францускиот предлог, ниту пак отстапки од националните интереси. 

Телоп МНР - Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада.

Според експертите  вообичаено е да се водат разговори зад затворени врати, но дека е потребен национален консензус за решение. 

Професорот Вангелов во интервју за ТВ24, ги анализираше тн. Внатрешни гаранции кои се во фокус и порача дека е потребен механизам со времено дејство за уставните измени да не бидат неповратни.

Огнен Вангелов, професор по политички науки : Нашиот уставен систем е таков што – еднаш кога ќе се направат уставни измени, потоа е политички не можно да се вратат назад. Потребно ни е бадентерово мнозинство и кога еднаш ќе се направи после тоа станува иреверзибилно. Да се најде механизам, тие уставни измени да не бидат неповратни. Со идно бугарско вето, да ги извадат од сила. Потребен ни е механизам со времено дејство – уставните експерти може да најдат такви модалитети. Такви механизми може да го направат идното бугарско вето- скапо за Бугарија. 

Изминатава недела, шефот на дипломатијата Муцунски изјави дека се работи на решение со Бугарија за излез од европскиот ќорсокак, но дека детали од разговорите не може да бидат јавно објавувани за да не се минираат шансите за успех.

Претходно и евроамбасадорот Рокас порача дека - зад радарот на јавноста се бара решение за деблокада на патот кон ЕУ.