СДСМ тврди дека семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра, Томовски демантира
Над 5 милиони евра преку тендери од државни институции и од општини добила семејната фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, објави на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ Александар Димитриевиќ, откако партијата најави серијал на корупциски скандали за власта....
Од СДСМ тврдат дека семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306% и тоа само во 2024 година.
Александар Саша Димитријевиќ: „Во тековната 2025 година, истата фирма веќе добила нови 10 тендери од речиси половина милион евра. Сопственик на Сити логистик во моментот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата – Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат“...
Директорот на Службата за општи и заеднички работи одговори на обвинувањата – неговото образложение е дека фирмата не е негова и дека тој нема удел во неа. Побара извинување од СДСМ во спротивно најави тужба против опозицијата.
Ивица Томовски – Директор на СОЗР: „Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Додека тие зборат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели држете го крадецот. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана.“
Од СДСМ пак возвратија – на криминалци не се извинуваме и најавија нова прес конференција за утре со нови детали за семејната фирма на Томовски.
Државната комисија за спречување корупција ги следи сите изјави за наводи за судир на интереси и корупција. Новиот претседател Адем Чучуљ за ТВ 24 вели дека не се исклучува можноста да отворат постапка откако ќе ги разгледаат наводите или доколку добијат пријава.
Адем Чучуљ – Претседател на ДКСК: „Државната комисија за спречување корупција ги следи сите случувања и изјави на сите чинители за наводи за судир на интереси и корупција и доколку комисијата оцени дека има прсотор за нејзино постапување ќе отвори постапка, а исто така и доколку добие пријава“.
Опозицискиот лидер Венко Филипче вчера најави нови како што ги нарече „бомби“ за корупциски шеми на владини функционери, а најави дека ќе ја повика и европската обвинителка Лаура Ковеши да се ангажира во истражувањето на наводите за злоупотреба на европските фондови или попознати како Ипард програмата.

