СДСМ повторно ја блокираше собраниската комисија за социјална политика поради законот за бранители

Тргни застани. Вака и денеска изгледаше текот на собраниската комисија за социјална политика откако пратениците на СДСМ повторно ја блокираа процедурално со барањето на дневен ред да се стави точката за посебните права на бранителите.

Претседателката Илире Даути  пак обвини дека ја политизираат работата на комисијата и не дозволуваат да се разгледуваaт останатите точки кои беа на дневен ред меѓу кои финансискиот план на Агенцијата за супервизија за 2025, но и точката за висината на месечниот надоместок што го наплатува агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување на пензионерските друштва.

Ова е само еден од неколкуте обиди како работата на комисијата останува заглавена откако Илире Даути одби да го стави предлог законот за бранителите на дневен ред на опозициската СДСМ. Дебатата веќе извесен период во оваа комисија оди во насока на меѓусебни обвинувања за тоа кој во суштина го блокира работењето на ова собраниско тело откако Даути порача дека додека таа е претседател законот за бранители нема да се најде на дневен ред а пак пратениците од СДСМ не отстапуваат од нивните барања процедурално на секое свикување на седницата оваа точка да се стави на дневен ред.

Претходната недела комисијата исто така почна со работа но запна  со барањето на  СДСМ за надополнување на дневниот ред, па Илире Даути како и денеска мораше да даде пауза со тоа што претходниот пат ги повика на коордиунација членовите на ова тело кај неа во кабинет но не се договорија.