СДСМ, НСДП и ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграциите на земјава
Политичките партии продолжуваат со меѓусебните обвинувања околу европската интеграција на Македонија и за продолжувањето на преговорите со Европската Унија. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивставени ставови за уставните измени, односите со Бугарија и иднината на евроинтегративниот процес.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со став дека Македонија поради лековерноста и погрешните политики на опозициската СДСМ платила висока цена со промена на Уставното име на државата. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели, уставни измени без јасни и цврсти гаранции, заклучоци од ЕУ-нема да има.
Валентин Манасиевски-портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
„Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес. Затоа специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика.“
Опозициската СДСМ пак, ги повикува граѓаните во борба против, како што велат криминалата власт којашто земјата ја држи во изолација. Според лидерот на СДСМ, власта треба да се врати во рацете на граѓаните.
Венко Филипче-претседател на СДСМ
„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата. Затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата. Излажаа дека ќе го вратат името, ќе го укинат Преспанскиот договор и ништо од тоа не направија.“
Пред почетокот на Конгресот на НСДП, Филипче изјави дека билатералните прашања со било која земја членка на ЕУ не се дел од преговарачката рамка.

