СДСМ: Македонија ќе добие 3 милијарди евра од ЕУ, познавачите се скептици дека оваа сума е точна

Европскиот парламент ќе бара навраќање на преговорите за седумгодишниот буџет на ЕУ- СДСМ пак веќе знае колку пари ќе добие Македонија. 

Пред утрешната вонредна седница на Европарламентот, претседателот Давид Сасоли објави дека тие ќе го имаат последниот збор, особено за три „важни теми“ на кои тие ќе инсистираат -  управувањето со Фондот за закрепнување, сопствените буџетски ресурси на ЕУ и суштински прашања за самата седумгодишна буџетска рамка. Дебата за парите, утре ќе имаат и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.  

„За буџетската рамка има уште доста работа и сметам дека е во интерес на сите да направиме измени. Сега треба да се обидеме и да го подобриме ММФ. Некои од кратењата што се предложени треба да се коригираат. Ако не се такви, тоа ќе ја оневозможи Унијата да ги постигне своите цели. После неколкудневни дискусии, европските граѓани очекуваат договор кој ќе го живее овој историски момент. Загрижени сме за иднината ако се изгуби европската солидарност и методот на Заедницата.“ - вели Давид Сасоли претседател на ЕП. 

И додека ЕУ уште расправа за парите и средствата за помош на земјите - членки и останатите, СДСМ веќе подели колку пари ќе добие Македонија од колачот 12ипол милијарди евра кои Европскиот Совет вчера ги усвои за Земјите од Западен Балкан вклучително и Турција.  

„Европската перспектива на државата и европските вредности како водечки приоритети се препознаени, а признание за тоа е и вклучувањето на земјава во седумгодишната финансиска рамка на Европскиот совет, насловена „Нова генерација ЕУ.“ - велат од СДСМ.

Тоа за нас како држава, значи достапни неповратни средства од околу три милијарди евра за овој седумгодишен период, како средства за третата генерација на претпристапна помош ИПА 3.

Сепак, дали е воопшто возможно да се знае колку пари ќе добие Македонија, кога во заклучоците на Советот стои само колку средства би добил целиот регион? Експертите зачудени од пресметките на партијата:

„За тоа одговор треба да даде СДСМ. Она што ние го имаме се заклучоците од Советот, којшто споменавте за целиот регион се 12 ипол милијарди и според другите информации се уште нема прераспределба по државите. Дури и кога би се придодале други инструменти, финансиски итн, тешко се стига до таа сума од 3 милијарди. Така што велам дека од се што е наша расположлива информација ние немаме таков податок и затоа образложението треба да си го дадат тие.“ - вели Малинка Ристовска ЕПИ. 

Инаку по петдневна тешка дискусија, лидерите на земјите членки на Унијата вчера конечно постигнаа компромис за парите. Пакетот е во рекордна вредност од 1,8 билиони евра. Во седумгодишниот буџет влегуваат 1074 милијарди евра, а останатите се за борба против пандемијата.

Фондот за опоравување од последиците на Ковид-19 е вкупно 750 милијарди евра - 360 милијарди се предвидени за кредити, а 390 милијарди евра за неповратна помош на земјите-членки. За земјите за проширување одредени се вкупно 12ипол милијарди евра.