СДСМ: И сопругот на Данела Арсовска има бугарска лична карта
Не само Арсовска туку и целото нејзино семејство има бугарско државјанство, објави денеска СДСМ продолжувајќи ја сторијата за „бугарските врски“ на кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, објави денеска документи според кои, освен Арсовска, бугарска лична карта има и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски.
„Ова е удостоверението на Ангел Арсовски, сопруг на Арсовска, издадено 2010 година. Идентично, исто како и Арсовска, и Арсовски има бугарска лична карта. Со име и презиме, со номер, со гражданство. Бугарската лична карта на Ангел Арсовски е издадена еден месец пред бугарската лична карта на Данела, односно на 3 април 2017 година. И неговата, исто како и онаа на Данела, е сè уште важечка. Валидноста, односно веродостојноста на овие документи кои ги објавуваме се потврдува преку официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија. Со внесување датум на раѓање и број на документ, во овој случај кај двете лични карти има официјална потврда за нивната валидноста“, рече Петровска на прес-конференцијата.