СДСМ ги промовираше кандидатите за пратеници
СДСМ има јасен план и визија и нема да се откаже од европската иднина на земјата. Ова е пораката која ја испрати Димитар Ковачевски, на денешната промоција на новата програма и кандидатите за пратеници од СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
Најави четири столба: човечки капитал, продуктивност, иновативност и конкурентност и им порача на граѓаните дека во следниот период ќе слушнат многу програми и ветувања, но според него, без целосен фокус кон членството во ЕУ, ниту една програма не може целосно да се исполни.
- Парите и инвестициите нема да паднат од небо. Инвеститорите ќе дојдат ако гледаат европска иднина во Македонија. Инвеститорите не доаѓаат во некоја државата, затоа што нејзиниот лидер се вика Димитар или се вика Христијан. Тие доаѓаат во држава, во која гледаат стабилност, во која гледаат просперитет и во која гледаат држава во која има визија, сила и одлучност да стане земја членка на Европска Унија. - рече Ковачевски.
Со влезот во ЕУ, Ковачевски, вети дека просечната плата ќе изнесува 1 300 евра, а минималната плата 800 евра. Даде гаранција и дека во 2028 год, минималната пензија ќе биде 20 илјади денари, а просечната пензија 30 илјади денари.
А Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и коносител на првата изборната единица, најави бесплатен оброк за сите ученици, бесплатна ексурзија и ваучери за подобрување на стандардот на учениците.
- По примерот на студентскиот оброк, кој го користат околу 29.000 студенти, воведуваме бесплатен оброк и за учениците во основните и средните училишта. Воведуваме бесплатен јавен превоз за сите млади лица од прво одделение до дипломирањето. - рече Зајкова.
Екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, порача дека ќе има нула толеранција за корупција и силна борба против криминалот.
- Во наредните 4 години ќе продолжиме со создавање на модерна полициска професија, европски полицаец- ваш пријател. За успех на сето ова, клучни ни се реформите во правосудниот систем, реформите во судството мора да ги опфати сите препораки на мисијата на ЕУ во нашата држава. - рече Спасовски.
На промоцијата пораки испратија сите носители на кандидатските листи. Како што е веќе познато, во првата изборна единица носител е лидерот на СДСМ Ковачевски, а коносител - претседателката на коалициската ЛДП, Зајкова.
Двојката ќе ја предводи ексминистерот за внатрешни работи Спасовски, а коносител ќе биде вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Во третата изборна единица ќе биде директорка на УЈП, Лукаревска. Листата во „четворката“ ќе ја предводи екс министерот за здравство Венко Филипче.
Носител на 5та изборна единица е Јован Митрески, а шеската ја предводи актуелната министерка за одбрана Петровска.