СДСМ бара оставка од Савески, ВМРО ДПМНЕ од Абази
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова не знае зошто премиерот Христијан Мицкоски му се јавил на јавниот обвинител Ненад Савески и за што разговарале, но потенцира дека поделбата на власта мора да се почитува. Според неа, секоја институција треба да постапува во рамки на сопствените надлежности, со користење на механизмите на контрола и баланс кои ги предвидува системот. Силјановска-Давкова вели дека не може да суди за нешто за кое нема информации.
Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ побара оставка од јавниот обвинител Ненад Савески, обвинувајќи дека обвинителството е под политичко влијание. Од партијата велат дека правдата мора да биде еднаква за сите и оти премиерот не смее да се меша во работата на обвинителството.
Од друга страна, владејачката ВМРО ДПМНЕ бара оставка од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Од таму тврдат дека одлуката за затворање на предметот „Мазут“ е политички мотивирана и дека обвинителството постапувало контрадикторно во однос на претходните одлуки во истиот случај.
Случајот „Мазут“, поврзан со набавка вредна близу 170 милиони евра, повторно ја разбранува јавноста откако обвинителството на Абази ја запре постапката за осомничените поради недостиг на докази. Премиерот Мицкоски призна дека му се јавил на јавниот обвинител Савески за случајот, додека тој тврдеше дека не разговарале за конкретни предмети.

