Сценаријата за одвојување на Албанија и Северна Македонија тешко изводливи во ЕУ
По првиот ден на посетата на премиерот Зоран Заев и македонската делегација во Брисел во пресрет на јунскиот ЕУ самит каде Северна Македонија сè уште се надева дека конечно формално ќе се отворат преговорите за членство во Унијата, станува јасно дека плановите за одвојување на Скопје и Тирана не наидуваат на поддршка во европските престолнини.
Заев својата посета ја започна всушност во неделата вечер кога се сретна со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, но клучните средби ги оствари вчера. Прво со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, потоа и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Веднаш по овие две средби, премиерот на Северна Македонија порача дека сценаријата за одвојување на Албанија и на Северна Македонија на почетокот на процесот на отпочнување на преговорите со ЕУ не се во ничиј интерес – ниту на Албанија, ниту на регионот, ниту на Европската Унија.
-Ги знаеме стојалиштата на многу земји за нас, ги знаеме и за Албанија. Наш интерес е да одиме заедно. Интерес на Албанија е да одиме заедно, да си помагаме заедно низ целиот овој процес и им посакувам на нашите соседи најдобро, исто како што им посакувам на нашите граѓани, но прагматизмот кажува дека Европа не смее ни да помисли на некои различни сигнали кои не се принципиелни, второ е невозможно. Трето, за да има следни успешни разговори, Србија-Косово, Босна и уставот, сето тоа што се разговара мора да го дадат сигналот на награда. Ние го заслуживме како никој друг пред нас, изјави вчера премиерот Заев.
Тој нагласи исто така дека безбедносен ризик постои и за тоа ги предупредил своите соговорници во Брисел.
-Постои геополитички, безбедносен и економски ризик и секаков ризик затоа што не случајно кажуваме дека друга алтернатива освен европската иднина на Северна Македонија и на цел Западен Балкан не постои. Нашата аспирација како народ, како нација е заради европските вредности, затоа сме вака определени, сето тоа укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид на ризик којшто може Балканот да го вратат на оние децении кога сите не сакаме ниту да помислиме дека може да се повтори, рече македонскиот премиер.