Савески застана во одбрана на пресудите за случаите „Ласкарци“, „Пулс“ и Стевчо Јакимовски
Многу трагедии, малку одговори, алармот оддамна е вклучен, тест за македоснкото судство – ова е впечатокот на голем дел од јавноста како и истакнати правници. Реакциите доаѓаат по одлуките на Врховниот суд за случајот „Ласкарци“, случајот за Стевчо Јакимовски. Како и одлуката за обвинетите за „Пулс“, за која Кривичниот суд донесе одлука според постоечките законски одредби. Државниот јавен обвинител Ненад Савески посочи дека пресудите се носат во името на граѓаните, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети.
Ненад Савески-државен јавен обвинител: „Не можам да прифатам и мислам дека погрешен е впечатокот да судовите ги носат одлуките под притисок или под влијание или во служба на ЈО. Пресудите се носат во името на граѓаните на РСМ врз основа на примена на закон и докази содржани во тие предмети. Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд во случајов не ги ценел обвинениејата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд.“
Поранешниот долгогодишен судија и адвокат Владимир Туфегџиќ, во врска со укинатите пресуди за „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски од страна на Врховниот суд коментира дека се тест и аларм за правниот систем.
Владимир Туфегџиќ-адвокат: „Дали пониските судови се почесто се впуштаат во правен егзибиционизам со своите одлуки ставајќи се во улога на сервис на ЈО и впуштајќи се во импровизација на доказите за да се донесе осудителна пресуда по секоја цена, дури и во правна ситуација кога јавен обвинител децидно изјавува дека нема докази. Некои одлуки кои се јавен интерес а кои се соопштени дека се донесени од кривичниот суд и Апелациониот суд Скопје, до денеска не се напишани и јавно објавени за да има прилика јавноста да ја прочита правната логика. Секоја избрзана судска одлука донесена под различни форми на притисок значи проблем и недозволено експериментирање со правната научна доктрина и воспоставената судска пракса кои во образложението на пресудата не можат да најдат своја законска подлога.“
Овие укинати пресуди предизвикаа остри реакции во јавноста. Реагираа и дел од политичарите – за дел од политичките партии „Ласкарци“ е судски неуспех.

