„Сапорт Кочани“ со реакција на вчерашната прозивка од премиерот: Политиката нема да застане на патот на солидарноста

Сапорт Кочани не се препознааваат во обвинувањата од премиерот Мицкоски дека трагедијата во Кочани се злоупотребува и  граѓанското движење прераснува во политичко.

Велат дека да се биде дел од политичките препукувања е рецепт како да се убие ентузијазмот на групата која им помага на семејствата на повредените и починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“. 

- Премиерот сигурно мислел на друго здружение. Доколку можеме да помогнеме знаете каде може да не најдете и контактирате. Ништо нема да ни застане на патот на солидарноста за сограѓаните, другарите што настрадаа во „Пулс“ а најмалку тоа треба да биде државата или политичките чинители. - САПОРТ КОЧАНИ.

Премиерот Мицкоски во своето обраќање по повод 35-годишнината од основањето на УМС на ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата ја злоупотребува трагедијата во Кочани за да создава политика. 

„Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети, неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори.“ - Христијан Мицкоски премиер.

Со сличен став беа и од Владата. За нив, изјавите на родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ од Кочани биле политички инструирани и непримерни. За изјавите на власта реагираа и од СДСМ. Велат дека владата не треба да ги етикетира родителите од Кочани.

- Владата итно да престане да се расправа и да се докажува со родителите кои се наоѓаат во состојба на силна болка и тага. Родителите кои мирно маршираат на улиците на Кочани Влада не смее политички да ги етикетира и со нив да влегува во дневнополитички препукувања. - СДСМ.

Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани минатата сабота повторно организираа „Марш за ангелите“. Тие повторно го искажаа своето незадоволство од истрагата и  од владата побараа вистинските виновници да седнат на обвинителните клупи.