САНАЦИЈАТА НА КАРПАТА ПРЕД ВЕЛЕС НИКАКО ДА ПОЧНЕ
Foto

САНАЦИЈАТА НА КАРПАТА ПРЕД ВЕЛЕС НИКАКО ДА ПОЧНЕ

Нема градежни работи на карпата и патот на источниот влез на Велес, каде што пред две години се случи голем одрон. Минатата недела Јавното претпријатие за државни патишта за вчера го најави почетокот на санацијата. Но, таму ниту вчера, ниту денеска не се работеше ништо.

Граѓаните кои секојдневно поминуваат тука, велат дека се чувствуваат небезбедно. Огромната карпа, меѓу Велешани позната како „Цуцка“ сеуште е опасно надвисната над патот. Поради оштетувањата на коловозот од одронот, веќе две години на ова место сообраќајот се одвива по една лента.

Јавното претпријатие за државни патишта надлежно за оваа делница, лани реши во еден проект да го санира и патот и карпата, што ќе чини еден милион евра. Пред нова година беше избран изведувач, кој чекаше времето да се поправи, за да почне со работа. Но, иако од почетокот на неделава времето е убаво, градежни зафати нема. Сeпaк, Јавното претпријатие го тврди спротивното. Велат дека се преземаат мерки за безбедност на работниците, но и сообраќајот. Оттаму ни испратија фотографии од поставени столбови за сообраќајни знаци, монтирани деновиве, за кои велат дека се во функција на градежните работи.

Почеток на изведба на работа не значи само механизација на одреденото место и извршување на работа, туку процесот подразбира и соодветна подготовка на теренот. Па така, во моментов се вршат припремни работи со поставување на сообраќајна сигнализација согласно сообраќајниот проект и добиено одобрение за времена измена на режим на сообраќај за време на санација на свлечиште. Исто така, се обезбедуваат технички услови од Македонски железници за работа на санацијата на постоечкиот потпорен ѕид поради постоењето на високонапонски кабел во непосредната близина на ѕидот кој мора да биде исклучен за време на правењето на санацијата.

Големиот одрон се случи во март 2018 година, кога десетици тони карпи паднаа врз патот и пругата.

0 Коментари

Остави коментари