Самостојна изложба на Ибрахим Махама во Музејот на современата уметност - Скопје
Во Музејот на современата уметност - Скопје вечерва во 18 часот ќе биде отворена самостојната изложба на Ибрахим Махама. Делото на Махама, кое ја обвиткува фасадата на Музејот на современата уметност, претставува прва негова самостојна изложба во земјава.
Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност Скопје со финансиска поддршка и паритетен придонес од Министерството за култура и туризам, како и од Фондацијата Рајтман (Reitman Foundation), Лондон; Евролинк осигурување; Завар; Раде Кончар; Градежен Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј; Македонска алпинистичка федерација и Викиекспедиции, сите од Скопје.
-Текстилната површина, составена од над 1.000 јутени вреќи кои ја обвиткуваат зградата, се секојдневно користени за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализацијата и миграцијата, експлоатацијата и економската нееднаквост. Преку поврзување на јутените вреќи и нивното инсталирање на површината на зградата на музејот, делото истражува како историските настани се вградени во материјалноста на јутените вреќи и како преку оваа инсталација фасадата се преобразува во политичко огледало. Основен во 1964 година, МСУ – Скопје е создаден како платформа за уметничка размена, културна и меѓународна соработка. Изграден од донации после катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, претставува материјално здание на принципот на солидарност, место кое го одразува ветувањето за подобро општество, посочуваат од МСУ.

