Само пет судии одлучуваат за уставноста

Ако судиите не гласаат едногласно „ЗА“ или „ПРОТИВ“, Уставниот суд не може да донесе ниту една одлука по дестиците предмети кои чекаат на ред затоа што судот работи со законски предвидениот минимум од пет судии наместо девет колку што е предвидено.

Поради ова во моментов за 16 предмети судот не може да донесе одлука поради недоволно мнозинство гласови. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав на судиите.

Дванаесеттиот во низата е Иницијативата на ВМРО -ДПМНЕ со која оваа партија оспорува дел од Законот за енергетика што се однесува на исклучувањето на струјата на граѓаните и заштита на монополската положба на единствениот снабдувач на електрична енергија во Македонија. 

А полн состав од девет судии чекаат и иницијативите за оценување на уставноста на Преспанскиот договор, Законот за употреба на јазиците, Законот за Јавно обвинителство и Законот за високо образование. Освен овие на уставна одлука чекаат и Деловникот за работата на Владата, Законот за апанажа на пратениците како и се' почеститие иницијативи за поништување или укинување на деталните урбанистички планови во Скопје, Охрид, Гостивар и Маврово - Ростуше.  

Работата дополнително се комплицира затоа што ако до почетокот на декември годинава не бидат избрани судиите што недостасуваат тогаш судот ќе остане да работи со четири судии и му се заканува целосна блокада.