Самитот во Давос во знакот на Трамп и прашањето за Гренланд
Со протести на улиците и тензии на агендата, во Давос стартува Светскиот економски форум под мотото „Духот на дијалогот“. Но дијалогот почнува во сенка на криза – Доналд Трамп ја предводи најголемата американска делегација досега, додека Данска целосно го бојкотира форумот.
Светската елита се собира во швајцарските Алпи, во момент на најдлабоки трансатлантски тензии во последните децении, а Гренланд се искачи високо на агендата. Европските лидери во Давос ќе ја имаат и првата можност за директен, тет-а-тет разговор со американскиот претседател, по изјавите за суверенитетот на Гренланд, царините и иднината на НАТО.
А Трамп ја предводи до сега најголемата американска делегација во Давос. Го придружуваат пет министри и други високи функционери како државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер. Се очекува средба Трамп - Зеленски, но покрај Украина се најавуваат дискусии и за Венецуела, Газа и Иран.
И додека светските лидери ги прекројуваат агендите за следните денови, стотици луѓе протестираат на улиците против доаѓањето на Трамп, критикувајки ги швајцарските власти.
Лице 1: Сметам дека од една страна е подобро да се зборува, но од друга страна тој ( Трамп ) не е дојден тука за дијалог, туку е дојден да направи уште еден договор. И навистина не му верувам.
Лице 2 : Тој буквално започна војна во Венецуела и сега Швајцарија го пушта да дојде. И исто така Светскиот Економски Форум го прифаќа. Сметам дека тоа е неприфатливо.
На Швајцарските Алпи се очекува денеска да пристигнат повеќе од 60 шефови на држави и влади, вклучително и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој веќе најави дека ќе направи обид за средба со Трамп, за деескалација на трговските тензии. На исто место ќе бидат и канадскиот премиер, аргентинскиот претседател, претседателката на ЕК фон дер Лајен, кинескиот вицепремиер, водечките технолошки лидери на Мајкрософт и Гугл АИ.
Следните денови, на СЕФ ќе присуствува и премиерот Мицкоски, но засега не се откриваат детали од неговата агенда во Давос и какви билатерални средби ќе има.

