Самит на НАТО: Неизвесна средбата Мицкоски – Мицотакис
НАТО членките на заедничка маса во Вашингтон - Мицкоски на столчето помеѓу Норвешка и Холандија, Мицотакис во друштво на Шолц.
Зад затворените врати во американската престолнина, лидерите во следните неколку часа дебатираат за идните одлуки на Воената Алијанса.
Мицкоски и Мицотакис - на пристојна раздалеченост. Мицотакис можеше да се забележи во друштво на германскиот канцелар Шолц, премиерот Мицкоски пак седеше на столот каде пишува Северна Македонија.
Пред стартот, Мицкоски, во изјава за медиумите порача дека Македонија за време на НАТО состанокот, ќе промовира мир, стабилност и владеење на меѓународното право.
- Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите. Како македонска влада, сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Средбата Мицотакис – Мицкоски засега лебди меѓу кулоарите на НАТО Самитот и вечерата во Белата куќа. Претходно грчкиот премиер порача дека нема да отстапи македонските власти да го користат новото уставно име на државата – ерга омнес.
- Ова е нешто, за што едноставно не се преговара. Тоа е многу јасно, стои во Преспанскиот Догвор и Грција нема да преговара за тоа. И кога слушнав дека новата влада на Северна Македонија, државата ја нарекува Република Македонија, внатрешно во рамки на земјата, имам сериозна загриженост. Ова е прашање кое планирам да го покренам, тоа не е конструктивно, не помага за европскиот пат на Северна Македонија, рече Киријакос Мицотакис премиер на Грција.
И додека виси средбата меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Мицкоски веќе се сретнал со премиерот на Бугарија, кој пак порача дека имале убав разговор.
– Направивме снимка ќе ја пуштиме, бевме на исто мислење дека треба да се направат напори, да се нормализираат односите и да се вратат на нивото на 2017та година, кога беше потпишан договорот за добрососедство. И двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи, но нема ништо подобро од убави добри односи, меѓу соседите. Може да се каже дека сме и повеќе од соседи со Република од Северна Македонија, рече Димитар Главчев премиер на Бугарија.
На само еден ден пред стартот на Нато Самитот, експертите порачаа дека нема желба кај сојузниците во Воената Алијанса да слушаат и да дискутираат за билатералните прашања меѓу Скопје и Атина.