Самит ЕУ - Западен Балкан: Западен Балкан е дел од Европа

Нема друга алтернатива за земјите од Западен Балкан освен членство во Европската Унија која можност денеска доби нов поттик со пораките дека самитот ЕУ - Западен Балкан има историска димензија не само за регионот туку и за односите ЕУ-Западен Балкан.

Европските лидери поддржаа постепена интеграција на регионот уште во фазата на пристапување, ветена е неповратна финансиска помош од милијарда евра за справување со енергетската криза а Западен Балкан стои рамо до рамо со ЕУ кога е во прашање војната во Украина. Со еден збор, Западен Балкан е повторно високо на агендата на Европската Унија, што може да се забележи во завршниот документ од Самитот.

Западнобалканската шестка овде во Тирана стави потпис на Декларацијата за намалување на цената на роамингот со земјите од Европската Унија. Намалувањето е предвидено да почне на први октомври 2023 година а постепено до целосно бесплатен роаминг да дојде до 2027 година. Деталите на прес конференција ги соопштија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и шефицата на Советот за регионална соработка со седиште во Сараево Мајлинда Брегу. За Брегу ова е ден кој се чекал долго, а за Вархеи можност што ќе ја добијат граѓаните од Западен Балкан да не плаќаат високи износи за мобилна комуникација со земјите од Европската Унија.

Македонија на самитот беше претставена од владината тројка предводена од премиерот Димитар Ковачевски а во која се и вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и министерот за надворешни работи османи. Македонија од самитот очекува појасна перспективност на таргетот за полноправно членство во 2030 година како и поддршка во делот на претстојните уставни промени и ублажување на енергетската криза.

Состанокот се одржа под засилени безбедносни мерки од земја и од воздух, за што беа ангажирани над илјада полицајци од Интерпол, Европол и од албанската полиција. Самитот дополнително го актуелизира српскиот претседател Вучиќ кој прво рече дека нема да оди во тирана а вчера сепак се предомисли за денеска да изјави дека е тука зашто подобро во секој случај е да се биде на масата отколку на менито.

Беше охрабрен дијалогот Белград-Приштина, апострофиран претстојниот старт на преговорите на албанија и Македонија со унијата и охрабрена Босна и Херцеговина која кон средината на месецот ќе добие кандидатски статус.

Албанскиот премиер Еди Рама во стилот на добар домаќин на црвениот тепих ги дочекуваше гостите, на кои вчера преку интервју за Асошиејтед прес им порача дека војната во Украина е потсетник за ранливоста на регионот на Западен Балкан и ја охрабри унијата да ги доведе земјите под демократска закрила на Европа.