Сали од Форумот на ЕУСАИР во Скопје: На регионот му се потребни повеќе координација, поврзаност и заеднички инвестиции

Денеска во Скопје официјално беше отворен 11-тиот Форум на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), во организација на Министерството за европски прашања и во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива.

Форумот, кој оваа година се одржува под мотото „Accelerating EUSAIR: From Commitment to Impact“, обедини министри, претставници на Европската комисија, регионални институции, локални власти, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и млади од земјите учеснички во Јадранско-јонскиот регион.

Во своето воведно обраќање, Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, истакна дека макро-регионалната соработка денес претставува стратешки инструмент за зајакнување на стабилноста, отпорноста и европската интеграција на регионот.