Сафади: Јордан нема да дозволи да биде инволвиран во конфликтот меѓу Иран и Израел

Јордан нема да дозволи да се најде во средината на конфликтот меѓу Иран и Израел и со тоа да ја загрози безбедноста на своите граѓани, соопшти јорданското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на зборовите на шефот на дипломатијата, Ајман Сафади упатени до неговиот ирански колега Хосеин Амирабдолахиан.

„Сафади нагласи дека сегашната ескалација служи само да го одвлече вниманието од израелската агресија врз Газа, чие запирање мора да биде приоритет“, се додава во соопштението, пренесе Ал Џезира.

Американски функционер претходно денеска изјави за Си-Ен-Ен дека Израел го нападна иранскиот град Исфахан како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 13 април, а иранските медиуми објавија дека три беспилотни летала биле соборени над Исфахан.