САД воведоа санкции против група што обезбедувала компоненти за иранската ракетна и дрон-програма

Соединетите Американски Држави воведоа санкции против меѓународна група, обвинета за набавка на оружје и компоненти за воена опрема за Иран, соопшти синоќа Министерството за финансии на САД.

Мерките опфаќаат 14 поединци, компании и авиопревозници, вклучувајќи субјекти од Иран, Турција и Обединетите Арапски Емирати, за кои се тврди дека учествувале во обезбедување или транспорт на материјали за иранските ракетни и дрон-програми.

Министерството наведе дека мрежата била фокусирана на активности за набавка на компоненти за беспилотни летала и на суровини што се користат при производство на ракетно гориво.

Централно место во групата имала иранската авиокомпанија „Махан Ер“, за која американските власти тврдат дека активно учествувала во транспортот на оружје и компоненти за дрон-системи. Санкционирани се и повеќе лица и компании поврзани со авиокомпанијата.

Акцијата е дел од кампањата „Економски бес“, што Вашингтон ја покрена за да ги ограничи воените капацитети на Иран.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави на платформата „Икс“ дека иранската влада мора да сноси одговорност за „уценувањето на глобалниот енергетски пазар“ и за нападите врз цивили со ракети и дронови.

Санкциите подразбираат замрзнување на сите средства што санкционираните субјекти ги имаат во САД и, по правило, им забрануваат на американските правни или физички лица да вршат трансакции со нив.