САД: Уапсено лице за кое се смета дека подметнало пожар кај Спокен

Американските власти синоќа соопштија дека е уапсен маж осомничен дека намерно подметнал еден од трите големи пожари во близина на градот Спокен, во американската сојузна држава Вашингтон, во кои изгореа повеќе од 700 објекти, а околу 64 илјади луѓе беа принудени на евакуација.

Шерифот на округот Спокен, Џон Ноулс, изјави дека 37-годишниот Арон Фариначи, жител на Спокен, од понеделникот се наоѓа во притвор, со одредена кауција од милион долари.

Според обвинението, Фариначи запалил трева покрај патот, предизвикувајќи еден од трите пожари што избувнаа во саботата северно и западно од Спокен.

„Причините за другите два пожара се уште се истражуваат“, изјави Ноулс.

Трите пожари во државата Вашингтон во моментов се меѓу најприоритетните за гаснење во САД.

Десетици големи шумски пожари веќе со недели беснеат во државите Вашингтон и Орегон, загадувајќи го воздухот со чад и пепел. Поттикнати од силен ветер и сув воздух, пожарите зафатија површина од повеќе од десет илјади хектари северно од Спокен, вториот по големина град во државата Вашингтон со околу 230 илјади жители.

Снимките објавени на Интернет покажуваат како огнот од државен парк се проширил кон шумските приградски населби, уништувајќи куќи, автомобили и вегетација.