САД: Уапсен шеф на Јакуза, кој се обидувал да продаде материјал за атомска бомба
Американските власти обвинија шеф на јапонски мафијашки клан за заговор за транспорт на нуклеарни материјали од Мјанмар за очекуваната употреба на Иран во нуклеарно оружје, соопшти Министерството за правда.
Такеши Ебисава (60) и кообвинетиот Сомфоп Сингхасири (61), тргувале со дрога, оружје и нуклеарен материјал и „отидоа дотаму што понудија ураниум и плутониум за оружје со целосно знаење дека Иран ќе го користи за атомско оружје, посочи Ен Милграм, која е шефицата на Управата за сузбивање дрога.
„За обајцата е одреден притвор“, се вели во соопштението на Министерството.
- Ебисава е обвинет за заговор за продажба на материјал за нуклеарно оружје и смртоносни наркотици од Мјанмар и за купување воено оружје во име на вооружена бунтовничка група, рече помошникот јавен обвинител Метју Олсен.
- Застрашувачки е да се замислат последиците доколку ова успееше, додаде Олсен.
Двајцата мажи беа обвинети во 2022 година за меѓународна трговија со наркотици и прекршоци со огнено оружје. Новите обвиненија се дел од изменетото обвинение.
Американското Министерство за правда тврди дека Ебисава и неговите соработници му покажале примероци од нуклеарни материјали на таен агент на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА) во Тајланд во 2020 година. Агентот се претставил како шверцер на дрога и оружје со врски со ирански генерал.
Се работи за 50 тони „темна камена материја“, чија вредност се проценува на 6,32 милиони евра.
Нуклеарните примероци, кои дојдоа од Мјанмар, беа запленети од тајландската влада и предадени на американските инспектори. Во американската лабораторија беше потврдено дека материјалот содржи ураниум и плутониум.