САД сметаат дека палестинската управа треба да управува со Газа

САД веруваат дека палестинските власти треба да управуваат со Појасот Газа, изјави денеска пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, високата функционерка на Стејт департментот Барбара Лиф.

- Палестинските власти, како што сите знаеме, се единствената палестинска влада предвидена со Договорот од Осло. Без оглед на нејзините недостатоци, таа е влада на Палестинците на Западниот Брег. Ние веруваме дека на крајот, палестинската волја и аспирации мора да бидат во центарот на постконфликтно управување и безбедност во Појасот Газа, изјави денеска Лиф.

Таа додаде дека Стејт департментот „во моментов ги разгледува сите овие прашања“ и сака да ги почне тие дискусии што е можно поскоро, јави Си-Ен-Ен.

САД го повикуваат Израел да избегне окупација на Газа ако и кога Хамас повеќе нема да владее со територијата, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предизвика загриженост кај американските власти кога претходно неделава рече дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста во Појасот Газа „на неодредено време“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека мирот мора да вклучува одржлив механизам за реконструкција на Појасот Газа и пат кој води до тоа Израелците и Палестинците да живеат рамо до рамо во свој простор со „еднакви мерки на безбедност, слобода, можности и достоинство“. Тој ги увери американските партнери од Блискиот Исток дека САД веруваат оти клучните елементи на мировниот договор „не треба да вклучуваат присилно раселување на Палестинците од Газа – ниту сега, ниту по војната“.

Хамас, кој го смета Израел за нелегитимна држава и окупаторска сила во Газа, извојува убедлива победа на последните палестински парламентарни избори одржани во Појасот Газа.