САД: Онеспособен брод што се обидел да ја прекрши блокадата кон Иран

Американските сили денеска го онеспособиле управувачкиот механизам на товарниот брод „Вела Нова“ што плови под панамско знаме, откако бродот се обидел да помине низ Оманскиот Залив и да ја прекрши американската блокада со цел да стигне до едно од иранските пристаништа, соопшти американската Централна команда (CENTCOM).

„Хеликоптер МХ-60 на американската морнарица истрела две ракети од типот ‘Хелфајер’ во машинскиот простор на бродот „Вела Нова“, откако цивилниот екипаж ги игнорираше повторените предупредувања од американските сили. Бродот повеќе не плови кон Иран и не ја прекршува американската блокада, која и натаму е во сила“, се наведува во соопштението.

Од CENTCOM наведуваат дека заклучно со 11 август биле пренасочени пет комерцијални бродови што се обиделе да ја пробијат блокадата. Три од бродовите биле онеспособени бидејќи не ги исполниле американските прописи.