САД најавија 60-дневно изземање од санкциите за Иран
САД најавија 60-дневно изземање од санкциите за Иран, со кое се дозволува продажба и испорака на иранска нафта до 21 август, додека Техеран го демантира тврдењето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс дека ќе дозволи враќање на нуклеарните инспектори. Двете страни различно ги толкуваат досегашните резултати од преговорите. Вашингтон вели дека е постигнат напредок кон можно финално решение.
Џеј Д. Венс – потпретседател на САД
„Воспоставивме механизам за Ормускиот теснец да остане отворен и стабилен, што е клучно за глобалните енергетски текови. Во исто време, јасно е дека Иран никогаш нема да смее да дојде до нуклеарно оружје, тоа е црвена линија и останува централна цел на нашите разговори“.
Иран ја демантира изјавата на американскиот потпретседател дека Техеран се согласил да се вратат инспекторите на меѓународната агенција за атомска енергија во земјата. Иран тврди дека не преговара за нуклеарната програма, но ќе продолжи со соработка со Меѓународната ахенција за атомска енергија. Од Техеран инсистираат Ормускиот теснец да биде под иранско управување.
Мохамад Багер Калибаф – претседател на иранскиот парламент.
„Ормускиот теснец ќе биде управуван со ирански механизми и од Иран. Ќе има телефонска линија за координација за безбеден и брз премин на бродовите.“
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Техеран би требало да дозволи враќање на инспекторите на МААЕ во Иран. По разговорите во Швајцарија, треба да се формираат работни групи за нуклеарните прашања, санкциите и реконструкцијата. Либан и Израел, пак, во Вашингтон почнуваат нов круг мировни преговори, што ќе траат три дена. Во меѓувреме, цената на нафтата на светските берзи падна на најниско ниво во последните три месеци.

