САД и Велика Британија погодиле 18 цели на Хутите

САД и Велика Британија нападнаа повеќе од 10 цели на јеменската бунтовничка група Хути како одговор на неодамнешниот пораст на нападите на групата поддржана од Иран врз бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, вклучително и ракетен напад минатата недела кој предизвика пожар на товарен брод.

Според американски официјални претставници, американски и британски воени авиони погодиле околу 18 цели на повеќе локации, гаѓајќи проектили, фрлачи, беспилотни летала и беспилотни надводни и подводни возила, јави Еј-Би-Си Њуз.

Тие зборуваа под услов да останат анонимни за да дадат први детали за тековната воена операција.

Ова е четврти пат американската и британската војска да спроведуваат комбинирана операција против Хутите од 12 јануари.

САД, исто така, спроведуваат речиси секојдневни напади против цели на Хутите, вклучително и на проектили и дронови насочени кон бродови, како и на оружје што е подготвено за лансирање.

Американски борбени авиони полетуваат од носачот на авиони „Ју-Ес-Ес Двајт Д. Ајзенхауер“, кој моментално се наоѓа во Црвеното Море.

Американскиот претседател Џозеф Бајден и другите лидери постојано предупредуваат дека САД нема да толерираат напади на Хутите врз комерцијални бродови.

Хутите од 19 ноември извршиле најмалку 57 напади врз трговски и воени бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, а во последните денови нападите зачестија, потсетува Еј-Би-Си Њуз.