САД и Иран повторно на преговори

По меѓусебните напади изминатите денови, ирански и американски преговарачи, во Доха се на нов состанок по потпишувањето на меморандумот за ставање крај на војната. На дневен ред се технички разговори. На маса се деталите за пловидбата низ Ормускиот теснец, ослободувањето од санкции за Иран и иднината на иранските залихи на високо збогатен ураниум.


Доналд Трамп – претседател на САД

„Состанокот во Доха можеби ќе биде важен, можеби не. Ќе откриеме, секако победуваме воено. Речиси е воено добиено, би рекол, навистина е многу едноставно. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје, а тие нема да имаат, се согласија на тоа“.

Иран и Оман го одржаа првиот состанок на нивниот новоформиран Заеднички комитет за Ормускиот теснец, на кој се дискутираше за идното управување со водниот пат.

Казем Гарибабади - заменик-министер за надворешни работи на Иран

„За време на состанокот, покрај дискусијата за актуелните прашања во врска со теснецот, разменивме мислења за неговото идно управување во рамките на петтата клаузула од Меморандумот за разбирање од Исламабад и суверените права на крајбрежните држави“.

Вашингтон и Техеран имаат рок приближно до средината на август за да постигнат траен мировен договор, вклучувајќи договор за спорната нуклеарна програма.