САД ги суспендираа преговорите од стратешкиот дијалог со Косово
Соединетите Американски Држави го суспендираа на неодредено време стратешкиот дијалог со Косово, поради загриженост во врска со дејствијата на Владата во техничкиот мандат, која ги зголеми тензиите и нестабилноста, со што ги ограничи можностите за продуктивна соработка меѓу двете страни по заедничките приоритети, соопшти американската амбасада во Приштина.
Американска амбасада Приштина: „Остануваме посветени на промоцијата на заедничките интереси на САД и граѓаните на Косово. Нашиот однос со Косово се заснова на заедничката цел за зајакнување на мирот и стабилноста како основа за меѓусебен економски раст. За жал, неодамнешните дејствија и изјави на вршителот на должноста премиер Албин Курти претставуваат предизвици за напредокот постигнат во текот на многу години“.
Стратешкиот дијалог има за цел да ги зајакне економските и дипломатските врски во корист на американскиот и косовскиот народ. Се надеваме дека ќе продолжиме со вакви напори во иднина кога ќе биде соодветно. Знаеме дека ова е цел која народот на Косово ја дава како приоритет“, се вели во соопштението од американската амбасада во Приштина. Се огласи и вршителката на должноста амбасадор на САД во Косово, која изрази разочарување од неодамнешните изјави на косовскиот премиер во техничкиот мандат, нагласувајќи дека ваквите постапки го поткопуваат политичкиот процес, ги ослабуваат институциите на Косово и ги влошуваат меѓуетничките тензии. Пред неколку дена, во обраќањето по седницата на Генералниот совет на Самоопределување, Курти го нарече Уставниот суд „политичка сенка на опозицијата“, незадоволен од одлуката на судот да воведе привремена мерка со која им се забранува на членовите на Собранието да преземаат дејствија и какви било процедури за формирање нова влада до 30 септември.

