САД бараат Србија да ја повлече војската од границата со Косово
Состојбата на северот на Косово на тенок лед. САД се загрижени и бараат Србија да ја повлече војската. Белата куќа соопшти дека првиот заменик советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Финер разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Во интервју за ТВ Прва Вучиќ без смирувачки тонови, вели секој ден може да дојде до ескалација.
- Курти мечтае за војна и мечтае да биде Зеленски.Нему не му е проблем некој друг да војува за него, тој сака НАТО да влезе во судир со Србија, а нас никако не ни е во интерес да војуваме. изјави Вучиќ.
Премиерот на Косово, Албин Курти не ја оспорува неопходноста „во одреден момент“ да се одржат нови избори на северот во државата, туку како што вели, пред тоа треба да се воспостави „владеење на законите“. Во интервју за Ен-Би-Си Њуз, Курти вели дека ќе ја разгледа можноста за одржување нови избори
- Верувам во предвремени избори, но затоа ни треба владеење на правото и слободна и фер кампања за слободни и фер избори. градоначалниците кои победија на изборите на 23 април имаат низок легитимитет, поради слабата излезност на тие избори, но тие се „единствените легални и легитимни“. - изјави Курти.
Според албанскиот премиер Еди Рама ситуацијата на Косово е опасна и непотребна. Вели - единствениот став на САД и на сите лидери на ЕУ е враќање на Србите во институциите и распишување нови избори.
- Во Молдавија беа присутни сите лидери на Европа и на некои други земји, а единствениот став на сите лидери на ЕУ е ист како оној на САД, дека оваа ситуација е неприфатлива и има две работи, Србите мора да се вратат во институциите, Косово мора веднаш да распише нови избори за да се реши ситуацијата. - изјави Рама.
Притисокот врз Белград и Приштина за решавање на спорот се засилува. Следната недела специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ќе ја посетат Приштина.
Турското Министерство за одбрана информираше дека Турција планира да испрати командоси во Косово во недела и понеделник како одговор на барањето на НАТО да се приклучи на мировните сили на Алијансата КФОР.