Саботните маршови за “Ангелите во Кочани“ продолжуваат

Уште поголем е гневот и револтот, бидејќи не добивме ниту еден вистински одговор на нашите прашања, вели за 24 еден од родителите кои што вчера на првиот протестен марш во Скопје побараа  одговорност од сите инволвирани за повеќегодишното работење на кабарето без исполнување на минималните стандарди.

Родителот кој што побара да остане анонимен посочува дека ќе продолжат да бараат одговорност за кобниот 16-ти март.

- Ниту еден одговор не добивме на нашите прашања кои што беа поставени од срце полно со болка. Но, затоа пак добивме само празни фоскули и ветувања дека за месец и пол одговорните за целата оваа трагедија ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Но, ние не застануваме и продолжуваме секоја сабота да маршираме низ кочанските улици за нашите прерано заминати ангели.

Откако родителите на трагично загинатите во страотниот пожар вчера се сретнаа очи во очи со народните избраници и го искажаа своето незадоволство од текот на истрагата и ТВ 24 денес истражуваше, но од институциите молк. Колку лица остануваат во ефективен, а колку во куќен притвор, но и дали ќе следат нови приведувања се прашањата кои ги поставивме, бидејќи и на вчерашната средба родителите го прашаа министерот Тошковски зошто истрагата се води на селективен начин, а изразија и незадоволство дека вистинските виновници за смртта на нивните деца не се притворени. Тошковски пак ги увери родителите дека правда за овој случај мора да има.

Инаку, останува отворен повикот на Јавното обвинителство до сите кои што имаат лични сведоштва за пожарот во Кочани, информации и докази во однос на работата на дискотеката Пулс и поврзаните фирми со неа, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата, со која што досега се опфатени околу 70тина осомничени физички и правни лица.