Руте во прва посета на Македонија

НАТО не е вклучен во конфликтот што се случува на Блискиот исток, слабеењето на нуклеарниот и ракетен капацитет на Иран е клучно за безбедноста и во регионот но и во Европа, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на неговата официјална посета на Македонија. 

Од Скопје испрати порака дека НАТО ќе го брани секој дел од својата територија, со цел поголема безбедност за сите држави членки. 

Марк Руте, генерален секретар на НАТО

- Знаеме дека Иран е скспортер на хаос и со децени тоа го прави и преку терористички напади и преку обиди за атентат, можам да ви кажам од моето лично искуство каде што многу лица се под опасност на иранскиот режим. Зборувам за режимот, не за луѓето. НАТО не е вклучено но можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој дел од територијата на НАТО.

За претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, најголемата гаранција за мирот и безбедноста и на Македонија но и на останатите држави на Балканот покрај НАТО  е и Европската унија. Таа денеска на генералниот секретар му порача дека на државата и е потребна итна интеграција во Европската унија.

Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Македонија

- Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за долготрајна отпорност од трети сили, тоа му го пренесов и на генералниот секретар е потребата од итна и целосна политичка интеграција во ЕУ. Очекувам на Самитот на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици. 

Руте ќе има средба и со премиерот Христијан Мицкоски, и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по ќе се обрати пред пратениците во Законодавниот дом. Ова е прва посета на Руте како генерален секретар на НАТО на Скопје. Во 2023 година во официјална посета на Македонија престојуваше тогашниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.