Русковска за ТВ24: Предистрага за „Треска“ од пред Втората светска војна

Поранешна фабрика „Треска“ под лупа на Обвинителството за организиран криминал. Се прибира документација од пред Втора светска војна. 

Обвинителката, Вилма Русковска за ТВ24 вели дека во предистражната постапка која ја водат ќе се земе во предвид се што е врзано со поранешна фабрика „Треска“ од отворањето, па се до процесот на денационализација.

„Се работи за предистражна постапка, се собира документација комплетна од пред Втора светска војна како е отворена фабриката, што било, кои објекти биле. После пред денационализација кои објекти биле и доколку има нешто спорно во врска со денационализацијата. А предметот е отворен по пријава на Државното правобранителство“ - вели обвинителката Вилма Русковска за ТВ24.

Паралелно додека обвинителството за организиран криминал и корупција ги прибира потребните документи за предистражната постапка, советниците од „Шанса за Центар“ сметаат дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на „Треска“ придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања

„Бараме општината да не тактизира со објавувањето на конкурсните решенија, туку во согласност со одлуката на Советот да организира јавна презентација на трудовите со кои се нуди поквалитетно решение за подрачјето и подобри услови за достоинствен живот на сегашните и идните жители“ - велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Градоначалникот на општина Центар вчера посочи дека избраното конкурсно решение е тешко за спроведување, но рече и дека веќе се бара планерска куќа за изработка на нов ДУП во кој би можело да се преслика и идејното решение избрано на конкурс.

Идејното решение кое е избрано на Јавен конкурс до сега во јавноста не е презентирано, голем дел од стручната фела смета дека токму тоа решение нуди можности да се запази јавниот простор и јавниот интерес. Инаку моментално важечкиот ДУП не е усогласен со Генералниот урбанистички план.

Додека се води предистрага, инвеститорите поднеле три барања за градба, осум барања за одобрувања на идејни проекти како и 31 предмет за земјиште од кои 25 се однесуваат за откуп на земјиште под објекти, како и 6 барања за дооформување на парцели, ваква е состојбата моментално на локацијата на поранешна фабрика „Треска“ каде што изби пожар. 

За пожарот истрага се води во скопското Јавно обвинителство, од каде за ТВ24 најавуваат дека ќе бидат повикани сите лица кои имаат некакви информации во однос на пожарот, а меѓу нив и скопската градоначалничка Данела Арсовска, по јавните изјави дека има индиции дека пожарот е подметнат подметот.