Русковска: Груевски во случајот за парцелите на Водно веќе има дадено исказ

Уште пред пет години Никола Груевски дал исказ за аферата „Плацеви на Водно“. Веднаш по пријавите на тогашната опозиција СДСМ, Груевски зборувал пред обвинител за перењето пари, за обвинувањата како донациите на сопартијците ги искористил за да си купи атрактивни плацеви на Водно.

Тоа значи дека  нема пречка  наскоро да му се суди во отсуство доколку случајот стигне во судница, објаснува обвинителката Вилма Русковска 

„Никој од осомничените не се испитани, прво тоа го правевме со сведоците. Добро за нас е што првоосомничениот кој е недостапен во државава е испитан затоа што има дадено исказ конкретно за перење пари, пред да пребегне.“ - изјави Русковска.

Обвинителството има докази за шемата на перење пари, кои наместо во партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ, преку оф-шор компании завршиле како сопственост на плацеви кај Орце Камчев и неговата мајка. Трансакциите оделе преку оф-шор фирма од Белизе. 

Има и сведоци кои не се формално заведени на листата донатори, а сепак на рака давале пари кои завршиле во џебот на Груевски. Обвинителката Русковска изјави дека тоа се сведоци кои се веќе на листите во други случаи против поранешни функционери, поврзани со финансирање на партијата.  

Во оваа насока, во случајот „Талир“, кој се води за незаконско финансирање на партијата сведочеше денеска сопственикот на кавадаречката градежна компанија „Урбан Инвест“. Јован Грков кој на времето добивал тендери во Скопје и други општини во судница за процесот Талир кажа дека 15 илјади евра дал во кеш за партијата пред избори. Му ги барале Миле Јанакиески и Кирил Божиновски а ги предал на извесен Марјан и за тоа не добил никаква потврда. 

И по сведочењата во случаите на СЈО, но и според бомбата со Никола Груевски за фамозните плацеви, се споменува поранешниот министер Јанакиески, кој важеше за близок на Груесвки.  Тој не е е опфатен во новата истрага за земјиштето на Водно. Засега е непознато е кој точно ќе сведочи против поранешниот премиер Никола Груесвки.

По пријавите во 2015-та,  случајот остана во фиока во редовното обвинителство. Го отвори обвинителката Лиле Стефанова во СЈО, како продолжение на „Империја“.