РУСКОСКА ДО АПЕЛАЦИСКИ СУДИЈА: „ОД ГАЌИ ЌЕ ВЕ ИСТРЕСАМ“
Куќниот притвор на Катица Јанева отвори војна меѓу обвинителството и судот. Апелациските судии ја пријавија обвинителката Вилма Рускоска за закани и притисоци, откако им најави финансиска истрага на оние кои ја пуштија Јанева во куќен притвор. По вонредниот колегиум, судот ја објави и нејзината СМС порака која Русковска синоќа ја испратила до еден од судиите Јани Нича, Сафет Кадрии и Зоран Димитриевски кои одлучуваа по жалбата на Јанева.
„Ако, ти, со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“ - Смс порака од Вилма Рускоска.
Судијата Сафет Кадрии не сакаше да образложи по кој основ ја прифатиле жалбата на Јанева. После колегиумот во Апелација само кусо порача:
Во соопштението на Апелациониот суд, изјавите на Русковска се оценуваат како неосновани и паушални обвинувања и претставуваат грубо мешање во независноста на судството.
„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем, со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители.“
Осуди за Русковска стасаа и од Судскиот совет, кој нејзината порака ја оцени како директна закана и притисок кон судиите, а истото го порача и адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска. Во одбрана на Русковска пак, застана Јавното обвинителство, кое вели изјавата треба да се гледа како момент на разочарување.
„Јавното обвинителство ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт. Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница.“ - ОЈО.
Јанева синоќа беше пуштена од притворот во Шутка и со полициска придружба однесена во станот на нејзинот син, каде што ќе го издржува куќниот притвор. Од новинарските објективи поранешанта специјална обвинителка се криеше облечена во црна јакна и целосно покриено лице и глава, што отвори дилеми дали е навистина таа. Сепак, екипите коишто беа таму, сведочат за нејзиниот глас кога побарала помош од полицијата да се симне од полициското комбе.