Руската ПВО одби напад со дронови над Москва и Јарославската област

Руските системи за противвоздушна одбрана рано утринава одбија напади со дронови над Москва и соседната Јарославска област, соопштија локалните власти.

Градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин, информираше дека четири дронови насочени кон Москва биле соборени, по што на терен веднаш биле испратени итни служби, без притоа да соопшти повеќе детали.

Во исто време, Јарославската област била подложена на напад од украински беспилотни летала. За да се гарантира безбедноста на граѓаните, привремено е запрен сообраќајот на излезот од Јарославл во правец кон Москва, соопшти гувернерот на областа Михаил Евраев, цитиран од ТАСС. Евраев апелираше до жителите да се воздржат од патувања во тој регион, нагласувајќи дека опасноста сè уште е присутна.

Ова е вторпат неделава Москва и Јарославската област, која се наоѓа североисточно од главниот град, да бидат цел на напади со дронови. Инаку, Русија има клучна енергетска инфраструктура во двата региони.