Русија протера македонски дипломат, за Македонија мерката е политичка

Русија повторно и' врати на Македонија откако државава за четири месеци протера двајца руски дипломати. Министерство за надворешни работи на Руската Федерација соопшти дека в.д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во руското МНР, каде и' била врачена Нота, со која вториот секретар во македонската амбасада се прогласува за „персона нон грата“ односно „непожелна личност“.

„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ’персона нон грата‘ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година.“ - велат од Министерство за надворешни работи на Руската Федерација.

По ова, веднаш се огласија од македонското министерство за надворешни работи. Од таму велат дека ваквата одлука нема никаква основа. 

„За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“

Ова е втор случај само годинава руски дипломат да биде протеран од Македонија. Во мај месец земјава прогласи руски дипломат за непожелна личност со образложение дека го прекршил член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.Еден месец подоцна, Русија возврати со иста мерка и на 10 јуни соопшти дека македонски дипломат од Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.

Денешната реакција на Руската федерација доаѓа откако во август годинава, министерот за надворешни работи Бујар Османи потврди дека земјава протерала руски дипломат без при тоа да каже од кои причини а со образложение дека станува збор за информација е од доверлив карактер. 

Македонија воспостави дипломатски односи со Руската федерација во 1994 година. За 27 години дипломатски односи потпишани се повеќе десетици билатерални договори од областа на образованието, културата, енергетиката, царината, финансиите, земјоделието. Во 2010 година, двете земји го потпишаа Договорот за подмирување на рускиот клириншки долг кон земјава. Со договорот, Македонија доби 60 милиони американски долари, што требаше да бидат искористени за гасификација на земјата на тој начин што еден крак од трансевропскиот гасовод „Јужен поток“ да минува низ Македонија, како и учество на рускиот гигант „Газпром“ во изградба на гасни електроцентрали.