Русија носи закон кој на претседателот Путин му овозможува испраќање војска во странство под изговор за заштита на руското малцинство
Русија подготвува закон со кој на претседателот Владимир Путин би му се овозможило полесно испраќање на војска во странство, под изговор за заштита на руските државјани. Државната Дума веќе го усвои предлог-законот во прво читање, а со него се предвидува значително проширување на претседателските овластувања за употреба на руските вооружени сили надвор од границите на државата.
Според претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, законот станува неопходност за заштита на руската држава.
Вјачеслав Володин, претседател на рускиот парламент
„Западните правосудни системи станаа инструмент на репресија. Русија мора да ги заштити своите граѓани“, изјави Володин.
По најавите, со реакции се огласија и од Западот и од НАТО. Оттаму предупредуваат на можни агресивни потези од страна на Русија. За сојузниците во НАТО, ова претставува јасен сигнал дека воената реторика на Кремљ се интензивира.
Каја Калас, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност
„Русија сака повеќе војна, затоа нашиот одговор е поголема помош за Украина, поголем притисок врз Русија и целосна одговорност за воените злосторства“, напиша Калас на платформата X.
Инаку, законот треба да помине уште две читања пред конечно усвојување, но веќе предизвикува реакции дека може да создаде нова правна рамка за побрзи и почести воени интервенции надвор од Русија.

