Русија ја проширува истрагата за терористичкиот напад во Москва
Се проширува истрагата по терористичкиот напад во Москва. Руски истражители заминале во Таџикистан за да ги испитаат семејствата на четворицата мажи кои стојат зад крвавиот напад во трговскиот центар во руската престолнина.
Претреси има и на руската територија. Безбедносните служби денеска уапсија уште едно лице, кое се сомничи дека му обезбедило сместување на водачот на групата која го извреши нападот.
Рускиот претседател Владимир Путин бара од обвинителите да направат се што е потребно за терористите да ја добијат заслужената казна а неколку руски пратеници побараа враќање на смртната казна во земјата.
„Се надевам дека обвинителите, во рамките на нивните овластувања, вклучително и при поднесување државни обвиненија и за време на судењето, ќе направат се што е потребно за да се осигураат дека криминалците ќе добијат правична казна, како што налага рускиот закон.“ - изјави Путин.
Првиот човек на Федералната служба за безбедност, Александар Бортников, ги обвини американските, британските и украинските безбедносни служби дека го помогнале терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“, а во кој досега е потврдена смртта на речиси 140 лица..Воедно, побара од руските пратеници да ја прогласат службата за безбедност на Украина како терористичка организација.
„Ние веруваме дека акцијата е подготвена и од самите радикални исламисти но и од западните разузнавачки агенции. Самите украински разузнавачки служби се директно поврзани со ова. Бандитите имале намера да избегаат на територијата на Украина. Според нашите првични оперативни информации, ги чекале таму. Ќе ви кажам една мала тајна: сакаа да бидат пречекани како херои од другата страна.“ - изјави Александр Бортников директор на федералната служба за безбедност на Русија.
Руските здравствени власти откриваат дека 29 лица се во тешка состојба додека пак деветмина, меѓу кои и едно дете се во критична состојба. Во меѓувреме, руските безбедносни служби спречиле уште еден терористички напад кој требало да се случи на пункт за собирање на хуманитарна помош во Самарскиот регион.
Според безбедносните служби, нападот требало да го изврши член на Рускиот доброволен корпус, организација која москва ја третира како терористичка група и која работи под покровителство на украинските специјални служби.