Русија ги намали очекувањата за скорешна средба Путин - Зеленски

Ќе им ли конечен епилог средбата на Трамп со Путин и Вропските лидери засега останува нејасно, бидејќи од Кремељ нема позитивни сигнали за можна средба помеѓу рускиот и украинскиот претседател, и покрај фактот што првиот човек на САД го откажал планираниот одмор и целосно се посветил на разрешување на конфликтот помеѓу двете земји.

Првично, Трамп најавуваше можност за примирје, но во моментов претседателот на САД настојува двете држави директно да работат на постигнување на траен договор што ќе резултира со прекин на војната. Познато е дека од руска страна била понудена средба во Москва, која, сепак, била одбиена од Киев. Од руска перспектива, сите алтернативни сценарија, според изјавата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, мора однапред да бидат темелно испланирани.

Меѓу европските сојузници преовладува скептицизам во однос на изгледите за постигнување на мировен договор. Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече Путин „предатор“ и ја изрази својата недоверба во неговата подготвеност за мир. Сличен став изнесе и Трамп, кој посочи дека, иако Путин го уверувал во можноста за примирје, конфликтот е комплексен и тешко разрешлив, дополнително предупредувајќи дека постои можност рускиот претседател воопшто да не е заинтересиран за постигнување договор.

„Ќе дознаеме за претседателот Путин во наредните недели. Можно е да не сака да склучи договор“, изјавил Трамп.

Во меѓувреме, покрај средбите со европските лидери, Трамп остварил разговор и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел да го убеди да го повлече ветото за пристапување на Украина во Европската Унија — предлог што, според странски медиуми, потекнува од европските челници. Истите извори наведуваат дека Унгарија изразила подготвеност да биде домаќин на претстојниот самит, на кој би присуствувале и украинскиот претседател Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп ја поддржал иницијативата за ваква средба, по која би следел и трилатерален состанок со двајцата лидери и американскиот претседател. Засега, времето и местото на одржувањето не се познати.