Русија демантира дека го гаѓала киевскиот манастир, тврди дека бил оштетен од противвоздушни ракети на САД

Руското Министерство за надворешни работи денеска ги отфрли како „груба лага“ обвинувањата на Украина и на Западот дека руските сили погодиле едно од најпознатите православни светилишта, Киевско-печерската лавра, за време на утринските големи напади низ Украина.

Во тие напади, манастирскиот комплекс во Киев, стар 1.000 години, наводно бил оштетен.

Руското Министерство за одбрана претходно денеска соопшти дека за оштетувањето на овој верски објект се виновни американските противвоздушни ракети „Патриот“ кои ги користеле Украинците.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги обвини Украина и Западот дека планираат „уште еден фалсификат“ и рече дека руското Министерство за одбрана точно опишало што навистина се случило.

Во соопштението, Захарова исто така го обвини францускиот претседател Емануел Макрон и другите европски лидери дека побрзале лажно да ја осудат Москва за штетата на манастирот, додека молчат за смртоносните украински напади врз студентски дом и музеј на Крим, каде што наводно било уништено вредно уметничко дело.