Рудик: Што ќе направи НАТО ако Путин ја нападне Полска?

Каков одговор ќе даде НАТО ако Владимир Путин ја нападне Полска? Ова е прашањето кое украинската пратеничка и претседателка на либералната партија „Глас“ го постави на прес-конференција пред македонските медиуми, која ја организираше ЛДП.

Во меѓувреме, во земјите-членки на ЕУ веќе има над 2,5 милиони бегалци. Портпаролката на УНХЦР во земјава предупредува украинскиот бегалски бран е најголемиот од крајот на втората светска војна.

Војната во Украина е глобален конфликт има опасност за целата планета од нуклеарна хаварија, вели лидерката на украинската либерлана партија „Глас“ и пратеничка, Кира Рудик, на прес конференција пред македонските медиуми, организирана од ЛДП. Економските санкции, вели таа, веќе создаваат проблеми на глобално ниво, а во земјите-членки на Европската Унија има над 2.5 милиони бегалци.

Рудик упати прашање и до НАТО, каков одговор ќе даде Алијансата ако војната се прошири во Централна Европа, бидејќи ако Украина не добие воена опрема, следна држава која Русија ќе ја нападне, според неа, е Полска.

Дека се работи за огромен број на бегалци, во емисијата Европат на ТВ24 потврди и портапролката на УНХЦР во Македонија, Љубинка Брашнарска. Таа посочува дека ова е најголемиот наплив на бегалци во Европа, по завршувањето на втората светска војна.

Во Македонија пак, засега нема наплив на бегалци од Украина. Единствените официјално пристигнати се оние кои во понеделникот дојдоа заедно со македонските граѓани, а ќе останат во куќа во Прилеп, кај нивниот пријател кој ги внесе во земјава. Македонија ги подготвува и своите сместувачки капацитети, бидејќи помеѓу лицата кои се пријавиле за помош во македонското МНР, покрај македонците има и мал број украинци кои бараат засолниште додека не заврши рускиот напад во нивната земја.