Рударски отпад го загадува Охридското езеро од албанска страна
Охридското езеро се загадува од сите страни.Експертите алармираат дека отпад од стари рудници, со тешки метали го загадуваат езерото од албанска страна кај Поградец.
Испитувањата покажале присуство на тешки метали во езерската вода, штетни за ендемичната флора и фауна. Една од препораките на Унеско уште во 2020 година беше итно да се премести отпадот и да се рехабилитираат рударските депонии на езерскиот брег, но тие и натаму се користат од рударски компании што имаат дозволи за експлоатација до 2026 година.
„Преку анализите што ги имаме правено на рибниот фонд во Охридското Езеро уште е присутна оваа проблематика на тешките метали. Рудниците не работат сега меѓутоа отпадите од нив за феро никел уште се присутни од времето на 90 тите години“, вели Аријан Мероли експерт за животна средина од Поградец.
Препораките кон Унеско не се исполнуваат ниту од албанската страна. Горлива тема таму е проектот за изградба на туристичка зона кај изворите на реката Дрилон, локалитет сличен на изворите кај Свети Наум, кои се строго заштитено подрачје во рамките на Националниот парк.
„Проблематиката на изворите на Дрилон каде има еден проект што инсистираат да се гради некоја интензивна туристичка зона за регион кој е строго заштитена зона. Таму мора поголема контрола од страна на владата“, вели Мероли.
Невладините остануваат на ставот дека се стагнира на секое поле кога е во прашање Унеско. Особено алармантно е во Струга каде не се ни изготви Регистар на дивоградби а и натаму продолжува претераната урбанизација.
„Многу хаотично е на сите страни, тоа што сакам јас како активист е да видам добра волја од страна на надлежните за да ја зачуваме и приодата и наследството и да се воведе ред во урбанизацијата. Денес имаме многу проблеми и хаотична состојба“ , вели Ндерим Положани од невладината Капс Струга.
Активистите очекуваат се полоши извештаи и се побројни препораки од Унеско за регионот.