Ротации и промени во листата на кандидати за министри во идната влада
Во пресрет на финализирање на листата на кандидатите за министри, промени и ротации до последен момент. ВМРО ДПМНЕ утре преку партиските тела треба да добие пас за идните министри. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој се споменуваше како можен иден министер во ресорот за локална самоупорава, сепак останува на позицијата градоначалник, да го води Кавардаци, За ТВ24 Јанчев вели:
- Во меѓусебен договор и координација со мандатарот Христијан Мицковски, а во интерес на партиските и на идните владини програми и визии, останувам да ја водам општина Кавадарци како градоначалник. Ова значи дека преку локално делување, а во соработка со идната власт предводена од Вмро Дпмне, ќе продолжам да ги подржувам сите активности, проекти и програми кои ќе донесат подобар стандард и кавалитет на живот.
Од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Вицепремиер и министер за транспорт и врски ќе биде Александар Николовски. Во МВР останува Панче Тошковски, а Тимчо Муцунски ќе биде нов шеф на дипломатијата. Владо Мисјаловски ќе биде нов министер за одбрана, Гордана Димитровска Кочовска влегува во финансии, а Сања Божиновска ќе го води новото министерство за енергетика. Во образование влегува Весна Јаневска, дигитализација Стефан Андоновски, земјоделие Цветан Трипуновски, култура актерот Зоран Љутков, а во новото за млади и спорт, министер ќе биде Борко Ристовски.
И Алтернатива денеска пресече - екс директорот на МЕПСО Орхан Муртезани ќе биде предлогот на партијата на Гаши за министер и вицепремиер за евроинтеграции. Од Алтернатива нема одговор зошто ќе биде Муртезани наместо екс министерот за администрација во Владата на СДСМ - Алити, кој функционери на "Вреди" и официјално го најавуваа како решение за евроинтеграции. Муртезани, освен поранешен директор во МЕПСО е и долгогодишен портпарол на партијата.
Од кампусот на „Вреди“ во фотељата за добро владеење ќе седне Арбен Фетаи, кој долги години живеел и работел во Белгија и е близок соработник на Арбен Таравари, кој пак треба да биде нов министер за здравство. Партијата на Касами и официјално ги потврдија имињата на Бесар Дурмиши за економија и Фатмир Лимани за труд и социјала.
Партијата на Максим Димитриевски - Движењето ЗНАМ, пак, синоќа ги објави двајцата кандидати за министри во идната влада. Игор Филков за нов министер за правда и Горан Минчев за јавна администрација. Според најавите на мандатарот Мицковски во вторник предлогот за новиот владин кабинет ќе биде адресиран во Собрание, а најдоцна следниот викенд се очекува и гласањето.