Рот: Северна Македонија ги исполни условите и сега е вистинско време да испорачаме датум за преговори

Берлин е со силна поддршка за старт на преговори – Македонија испорача, сега ние сме на ред, вели германскиот министер за Европа Михаил Рот.

По заканите од официјална Софија за блокада, германското претседателство со ЕУ испраќа јасни пораки дека се против нови услови за Македонија и нивен приоритет е првата меѓувладина конференција да започне до крајот на годината. 

Михаил Рот денеска потврди дека останува посветен да ја оствари целта и очекува датум во декември. 

- Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори. Мојата проценка околу условите... Во Заклучоците на Советот веќе се договоривме дека нештата се прилично позитивни. Од моја страна, Северна Македонија ги исполни условите и сега е право време да испорачаме. Треба да почнеме со пристапните преговори што е можно побргу. - изјави Рот.

Македонската влада во дипломатска офанзива. Се работи на две траки – средување на односите со Бугарија и интензивни средби со претставници на земјите-членки на ЕУ. Веќе е јасно дека шансите за старт на преговори се најголеми токму за време на претседавањето на Германија со ЕУ. 

- 2020 година и покрај сите предизвици ќе биде запаметена и како годината во која Северна Македонија, нејзините сојузници и партнери имаат причина за славење. За успешно заокружување на годината, по одлуката во март, потребна е уште една значајна одлука која што ќе го отвори патот кон конечно остварување и на втората стратешка цел - полноправно членство во Европската Унија. Со пријател како Германија на чело на Унијата, заедничкиот успех е на дофат. - изјави Димитров.

Вчера и шефот на германската допломатија Хајко Мас кажа дека во ЕУ се водат интензивни разговори околу билатералните теми меѓу Македонија и Бугарија. За бугарските услови околу Меморандумот, Мас кажа дека тоа мора билатерално да се реши меѓу Скопје и Софија и за тоа е потребен дијалог. 

Придвижување на работите напред, се очекува за време на Берлинскиот процес во ноември на кој ко-претседавачи се Македонија и Бугарија, но факт е дека средбите помеѓу Комисијата на историчари и средбите на највисоко политичко ниво мора да стартуваат.