Рокас: Шефицата на ЕК Фон дер Лајен следниот период доаѓа во земјава - во фокусот деблокада на евроинтеграциите
Урсула фон дер Лаејн доаѓа во Скопје – Рокас се надева дека посетата ќе биде одлучувачки чекор за деблокада на евроинтеграциите.
Во следните две до три недели, во Скопје ќе пристигне шефицата на Европската Комисија Урсула фон дер Лаејн, како дел од турнејата низ регионот, најави денеска евроамбасадорот Михалис Рокас.
На прашање - дали и кога може да се очекува деблокада на европскиот пат, Рокас изјави:
- Како што сите споменуваа во изминатите месеци, работиме многу напорно на тоа. Сега се подготвуваме за посетата на претседателката Урсула фон дер Лајен на Западен Балкан за две до три недели. И се надевам дека оваа посета ќе биде уште еден одлучувачки чекор кон отворањето на пристапните преговори за земјата, порача евроамабасадорот.
Рокас денеска не откри конкретно дали на масата на разговори се отвора и темата – уставни измени со одложено дејство. На прашање на ТВ 24 - измените да бидат усвоени сега, а да стапат на сила во иднина, евроамбасадорот изјави:
- Не можам да споделам какви било информации во врска со тоа. Работиме напорно да се постигне тоа (почеток на преговорите со ЕУ). На тоа се работи од моето пристигнување, изјави Рокас.
И премиерот Мицкоски порача дека фокусот треба да биде деблокада на преговорите со ЕУ, но без детали на каков начин ќе се постигне тоа. Ова беше дел од одговорот на Мицкоски на прашањето- како ја коментира иницијативата на бугарскиот пратеник Костадинов, македонскиот јазик да се третира како бугарски дијалект.
- Јас не би сакал да коментирам вакви естрадни изјави од политичари кои што припаѓаат на политичката естрада, токму тоа е и нивната цел, да предизвикаат од мене реакција. Мислам дека не треба и вие новинарите или било која јавност да им придава значење на таков тип естрадни поитичари. Да се фокусираме на тоа што е наш интерес, а тоа е – како да го одглавиме процесот, фуриозно да ги завршиме преговорите и да станеме земја-членка на Европската Унија, порача Мицкоски.
Пред два месеци, на почетокот на месец јули, евроамбасадорот Рокас изјави дека зад радарот на јавноста се бара решение за деблокада на евроинтеграциите.
Рокас тогаш порача дека се прави многу работа која не е видлива за јавноста и дека се надева наскоро да се отвори патот за преговори на Македонија со ЕУ.

