Рокас: Многу работи за македонските евроинтеграции се прават зад радарот
Зад радарот на јавноста, се бара решение за деблокада на патот на Македонија кон ЕУ. Без да открие детали, евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека се прави многу работа, која не е видлива, но има една цел – деблокада на евроинтеграциите.
Рокас кратко порача дека се надева на решение кое наскоро ќе ја отвори вратата за Македонија кон Европската Унија.
Јас навистина се надевам дека работите ќе можат да се придвижат напред. Мислам дека веќе многу работа се прави зад радарот – која што не се гледа, се со цел да може да се завршат работите. Се надевам дека решение ќе може да се најде наскоро – кое ќе го отвори патот за започнување на преговори со Европската Унија, изјави Рокас.
Во меѓувреме , експертите овие денови во јавноста пласираат идеја за тн. внатрешни гаранции или усвојување на закон за заштита на идентитетот, кој би служел како правен штит против било каков притисок. Во анализа со 6 точки - Драган Тилев, експерт за ЕУ , во јавноста предложи конкретни чекори или тн. правна аргументација, за која вели дека се темели на европските вредности од членот 2 од Договорот за ЕУ, заштитата на националниот идентитет, принципот на лојална соработка и условите за членство од членот 49 од Договорот за ЕУ.
Драган Тилев, ЕУ експерт:
1. Обезбедување на политичка подлога во ЕУ, за усвојување на хоризонтални Интерпретативни заклучоци од страна на Европскиот совет или Советот на ЕУ.
2. Оспорувањето на деловите од Протоколот 2 од страна на Уставниот суд кој се спротивни на нашиот Устав и неговите одредби во идентитетскиот дел.
3. Дефинирање и усвојување на Закон за заштита на идентитетот.
4. Инсистирање за имплементација од страна на Бугарија на одлуките на Судот за човекови права и регистрација на Македонските здруженија.
5. Да се постигне компромис кој треба да резултира со прифаќање на Македонскиот јазик без никакви додавки како еден од официјалните јазици на ЕУ согласно Договорот за основање на ЕУ и соодветната Одлука бр 1. од 1958год за признавање на официјалните јазици на земјите членки на Унијата.
6. Уставни измени под услов (или како позиција во преговорите) на претходните точки, од 1-5, во периодот од почетокот на постапката за Уставни измени, до нивното влегување во сила, вклучително и Законот за имплементација на измените на Уставот.
Телевизија 24 побара став од владата, од опозицијата и од претседателката на државата – дали се прифатливи тн. внатрешни гаранции за заштита на идентитетот, дали се консултираат правни и експерти за ЕУ на оваа тема и дали владата и шефицата на државата планираат да иницираат политички и експертски дијалог за ова прашање - но одговор не добивме.
Пред три дена премиерот Мицкоски пак порача дека очекува конструктивен предлог од ЕУ за старт на преговорите.

